Локална терапија на акни

Акни се хронична воспалителна болест на кожата и едно од најчестите заболувања на кожата кај нас. Во пубертетот е почеста кај мажите, а во подоцнежната возраст кај жените. Вообичаено и најчесто се јавува на лицето, горниот дел од грбот и градите.Локалната (топикална) терапија игра важна улога. Третманот подразбира решавање на 4 фактори кои се одговорни за појава на акните:
  1. Зголемено производство на себум, кое може да биде хормонално;
  2. Хиперкератинизација;
  3. Колонизација со анаеробните бактерии Propionibacterium acnes (по ново Cutibacterium acnes) и
  4. Последователната воспалителна реакција.
Терапиите ги таргетираат овие 4 фактори за акутна контрола на воспалението и долготрајно одржување на ремисијата.Цели на терапијата се тројни:
  • Спречување на лузни и хиперпигментација;
  • Намалување на психолошките последици и
  • Справување со самите акни

ЛОКАЛНА ТЕРАПИЈА: СО ЛЕКАРСКИ РЕЦЕПТ

Топикалните ретиноиди го спречуваат создавањето нови и го намалуваат бројот на постоечките комедони, поради што се корисни за не-воспалителните акни. Истовремено, топикалните ретиониди имаат и против-воспалителни својства, поради што се делумно корисни и за воспалителните акни. Имајќи го ова во предвид, вообичаено се препишуваат самостојно за третман на не-воспалителни акни и во комбинација со топикални антибиотици за третман на воспалителни акни. Adapalene е топикалниот ретиноид кој најдобро се поднесува.Топикалните антибиотици претежно се користат за третман на лесни до умерено воспалени или мешани акни. Најдобро се проучени clindamycin и erythromycin. Понекогаш се користат како монотерапија, но најефикасни се во комбинација со топикалните ретиноиди. Поради можноста за развој на антибиотска резистенција, се препорачува комбинација со бензоил пероксид.Дополнителна локална терапија со лекарски рецепт вклучува 20% крем или 15% гел со азелаична киселина, при што гелот има поголема биодостапност. Азелаичната киселина има мешани антимикробни и антикомедонски ефекти и може да биде ефикасна за третман на лесни до умерено воспалени или мешани акни.Dapsone е еден од поновите топикални лекови за акни. Иако во суштина е антибиотик, поверојатно е дека делува преку смирување на воспалението.

ЛОКАЛНА ТЕРАПИЈА: БЕЗ ЛЕКАРСКИ РЕЦЕПТ

Бензоил пероксидот е бактерицидно соединение кое се издава без лекарски рецепт и го има на пазарот во најразлични концентрации и комбинации, од 3% до 10%, во облик на крем или гел, без посебни разлики во дејството. Бензоил пероксид е уникатен антимикробен агенс затоа што не предизвикува бактериска резистенција. Најефикасен е за третман на лесни до умерени мешани акни, во комбинација со топикални ретиноиди. Исто така, бензоил пероксид може да се додаде на третманите кои опфаќаат топикални и перорални антибиотици, за да го намали ризикот од развивање бактериска резистенција.Салицилната киселина е исто така присутна на пазарот во најразлични препарати за нега на кожата кои се издаваат без лекарски рецепт. Овие производи имаат антикомедонски својства, но послаби во споредба со топикалните ретиноиди.Пациентите треба да се мотивираат за долготрајна терапија. Употребата на производи за нега на кожата мора во детали да му се објасни на пациентот. Производите за нега на кожата обично се применуваат навечер на сите подрачја каде се јавуваат акните, а не само врз промените присутни во моментот.Без оглед на препаратот, терапијата би требало да трае минимум 8 седмици пред да се процени нејзиниот ефект. Локалната терапија треба да продолжи сѐ дури не се подобри состојбата на кожата, а третманот потоа превентивно и долготрајно се продолжува, на пример, 2 пати неделно. Се покажало дека превентивниот локален третман ги намалува повторните влошувања на состојбата.Доколку не се исполнети целите на третманот, задолжително треба да се закаже специјалистички преглед кај дерматовенеролог.
0
    0
    Вашата кошничка
    Вашата кошничка е празнаВратете се во продавницата
    This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.