
На 20-ти март ќе го одбележиме светскиот ден на оралното здравје. Болестите на усната празнина засегаат речиси половина од светската популација, а кариесот и болестите на непцата остануваат најчести причини за губиток на забите. Повеќе од 2,4 милијарди возрасни лица страдаат од кариес на трајните заби, додека дури 480 милиони деца страдаат од кариес на млечните заби. Оралното здравје е главен индикатор за општото здравје, благосостојба и квалитетен живот. Освен што забите и усната празнина во целина ни овозможуваат внесување храна и говор, болестите на забите и непцата се најчесто поврзани или укажуваат на други патолошки состојби во организмот, на пр. лошо контролиран дијабет, кардиоваскуларни болести, остеопороза, ендокардит, ризик од предвремено раѓање итн. Доброто орално здравје почнува и завршува со добра хигиена на усната празнина.
КАКО ПРАВИЛНО ДА ИЗБЕРЕТЕ ПАСТА ЗА ЗАБИ?
Од што треба да се состои пастата за заби? Што всушност има во пастите за заби? Дали се навистина неопходни, па дури и – дали се навистина здрави? Иако сите пасти за заби се специјално формулирани да ги чистат забите, некои од нив имаат подобар ефект од другите. Зошто?
При изборот на паста за заби секогаш треба да се земат во предвид индивидуалните потреби и ефектот кој треба да се постигне. Поради ова денес постои широка палета на пасти наменети за различни цели: избелување на забите, намалување на забната преосетливост, превенција на гингивит и ерозија на забите, превенција на кариес и лош здив.
Флуорот ја зајакнува забната глеѓ и ја прави отпорна на киселини. Флуорот ја реминерализира декалцифицираната глеѓ и го спречува развојот на штетниот бактериски плак, со што штити од кариес. Препорачаните концентрации на флуориди во пастите за заби наменети за возрасни се движат од 1000 до 1500ppm, додека во пастите за деца изнесува до 600ppm.
Повеќето пасти за заби на пазарот ја содржат агресивната материја за создавање пена, натриум лаурил сулфат (SLS). SLS ги оштетува клетките во устата, а ова за возврат предизвикува иритации и повреди.
Понатаму, ознаката RDA (Relative Dentin Abrasion) односно релативна абразија на дентинот кај повеќето пасти за заби на пазарот изнесува RDA 90!
КАКО ДО ПРАВИЛЕН ИЗБОР НА ЧЕТКА ЗА ЗАБИ?
При изборот на четка за заби треба да се внимава на големината на главата од четката, бројот и мекоста на влакненцата и обликот на рачката. Најдобро е да се избере четка со мала глава со која би се четкале еден до два заба одеднаш. Четките со поголема глава оневозможуваат ефикасно четкање на катниците, а таму најчесто се собираат остатоци од храната што води до нивно расипување.
Правилниот избор на четка за заби зависи и од бројот на меки влакненца со заоблени врвови, кои обезбедуваат мекост на целата четка, со што се заштитуваат непцата и се допира до тесните и тешко достапни површини. Мислењето дека потврда четка потемелно ги чисти забите е погрешно! Напротив, ваквата четка ја оштетува забната глеѓ и предизвикува крварење на непцата, со што се зголемува ризикот од појава на воспаленија и инфекции.
Последниот критериум за правилен избор на четка за заби е удобно обликуваната рачка. Ваквата рачка треба да овозможи лесно држење и движење на четката и да спречи лизгање на четката кога е влажна.
Доколку станува збор за лице со фиксен ортодонтски апарат, хигиената на усната празнина треба да вклучува и дополнителни четки за заби, кои имаа простор во средината на главата, како на пр. Curaprox Ortho, за да можат да се четкаат и протезите, како и четки наменети за четкање на секој заб поединечно, како на пр. Curaprox Single.
ИНТЕРДЕНТАЛНИ ЧЕТКИ ЗА ЗАБИ, КОНЦИ ЗА ЗАБИ И РАСТВОРИ ЗА ИСПИРАЊЕ НА УСТА
Четките за заби ги чистат само внатрешните, надворешните и горните површини од забите, но не и меѓузабните површини. За да се исчистат овие површини потребно е да се користат интердентални четкички за заби и забни конци. Со едноставно провлекување на четкичките или конецот се отстрануваат наслагите од храна помеѓу забите и на тој начин се спречува нивно расипување. Постапката за чистење на забите со забен конец или интердентални четки е потребно да се спроведува само еднаш дневно.
Често пати во стоматологијата е потребен антибактериски агенс – на пример, кога има проблеми со протезите или имплантите, во случаи на воспаление или периодонтит, како и после екстракција на заби, особено умници. Стоматолозите препишуваат хлорхексидин речиси 70 години, од едноставна причина – затоа што делува.
КАКО ПРАВИЛНО ДА СЕ МИЈАТ ЗАБИТЕ?
Забите треба да се мијат два пати дневно, наутро и навечер, со мека четка, чија големина и облик одговараат на големината од усната празнина, во времетраење од 2-5 минути. Четката треба да се менува на секои 3 (три) месеци.
НАЈЧЕСТИ ГРЕШКИ ПРИ МИЕЊЕ НА ЗАБИТЕ
- употреба на погрешна четка
- нередовно миење
- неправилно четкање
- пребрзо и/или пресилно четкање
- пропуштање на одредени делови
- занемарување на јазикот
- четката не се менува редовно
- четката не се измива темелно и се чува влажна